Ангеловска: Дигитална платформа за освојување нови пазари за македонските производи

46

Преку креирање дигитална платформа се планира да се зголеми конкурентноста и да се отвори можноста за пласирање на финални производи од текстилните компании и чевларската индустрија во земјава до странски пазари.

Денеска министерката за финансии Нина Ангеловска оствари првична работна средба за иницијативата Модернизација и нови пазари од третиот сет мерки, со претставници од текстилната, чевларската индустрија, МАСИТ, УСАИД, БЕП (Business Ecosystem Project), Асоцијација за е-трговија и Старт aп Македонија за реализација на оваа идеја. Со ова ќе им се помогне на компаниите од овие сектори да креираат дополнителна вредност и да освојуваат нови пазари и купувачи. На средбата присуствуваше и заменик-министерката за финансии Ширет Елези.

Како што беше истакнато на состанокот, којшто се одржа во Министерството за финансии, скоро 80% од текстилното производство во земјава е лон производство. Чевларските работилници пак, како што посочија претставниците, најголем број се мали компании. Преку мултисекторски пристап може да се отклучи потенцијалот, претприемнчкото размислување, користење на нови технологии и пласман на квалитетни домашни текстилни производи и чевли. 

Од претставниците на компаниите беше поздравена идејата за формирање на дигитална платформа (marketplace). Се планира истата да се формира како независна, во која ќе можат да пристапат сите заинтересирани компании од текстилната и чевларската индустрија. Министерство за финансии заедно со Царинска управа ќе работат да ги олеснат сите административни пречки и да го олеснат патот за сите компании.