Ангеловска: До крајот на неделата 100.000 домашни платежни картички ќе бидат дистрибуирани до корисниците

33

До крајот на неделата се очекува да се дистрибуираат околу 100.000 картички од банките до корисниците на домашните платежни картички, а веќе 10.000 граѓани ги имаат добиено картичките и можат да ги користат, рече во гостување за Утрински брифинг, министерката за финансии Нина Ангеловска.

“Нов податок што го имаме од утринава, дека до крајот на неделата се очекува да бидат веќе дистрибуирани 100 илјади картички, тоа е околу една третина, нешто под, помеѓу една четвртина и една третина од вкупниот број на граѓани, веќе ќе ги добијат картичките. 10 илјади граѓани веќе ги имаат добиено картичките, веќе може да плаќаат и да купуваат со тие платежни картички и бидејќи најголемиот број од картичките е кај три од поголемите банки кои што дистрибуираат, ова е податок дека до крајот на неделата се очекува околу 100 илјади картички да завршат и да бидат дистрибуирани кај граѓаните. Интензивно секој ден се доставуваат, дистрибуираат, подигнуваат платежните картички“, вели Ангеловска.

Лицата кои се опфатени со уредбата, а кои поради техничка грешка ги нема на листата, ќе можат да поднесат приговор до утре.

“За време на викендот е одговорено на над 1.000 граѓани кои поднеле приговори. Се работи за дистрибуирани мејлови до соодветните институции, дали е тоа Министерство за образование, дали е тоа Министерство за труд и социјална политика…со цел да ги проверат по матичен број, со цел да се увиди дали се работи за техничка грешка и испуштање или се работи за поднесен приговор, а лицето можеби не ги исполнува условите согласно уредбата. Сите кои треба да добијат и поднеле приговор, ќе добијат платежна картичка, и на останатите ќе им биде одговорено, но да имаме предвид дека процесот ќе потрае со оглед на големиот број на мејлови“, рече Ангеловска.

Во однос на барањето на пасивните баратели на работа министерката посочи дека ова е обемна мерка и дека се однесува на активните баратели на работа кои сакаат да бидат вработени. Лицата кои што не бараат работа преку Агенцијата може работат хонорарно и не соодвествуваат на таргет категоријата.

“Лимитот е поставен на одредено ниво и се работи за обемна бројка од 120 илјади. Тука да не заборавиме да напоменеме дека Претседателот на Владата ги презентираше мерките и точно овој критериум на 17 мај беше посочен, така 5.000 нови лица кои што не биле пријавени како активни баратели се пријавија до 22 мај, до соодветниот рок. И тие лица влегоа во листата. Значи имаше и соодветен период во кој што лицата кои што бараат работа можеа да се пријават во Агенцијата за вработување, тоа е важно да го напоменеме“, рече Ангеловска.

Ангеловска посочи дека преку овие мерки преку граѓаните се стимулира стопанството и економијата и се очекува благодарение на овие средства да се амортизираме ударот врз економијата со сите мерки, дали се тоа домашните платежни картички, дали се тоа 20 милиони кои ќе се дадат за поддршка на конкурентноста и инвестициите на компаниите во индустријата и производството, дали е тоа преку кофинансирање на ИТ обуки, преку Министерството за образование и наука, најновите програми.

“Сè е дизајнирано на тој начин да ги ублажи последиците врз економијата“, заклучува Ангеловска.