
Со воведувањето можност за тргување со негативни цени, се прави значаен чекор во реализацијата на реформската агенда и усогласувањето со европските практики.
Од денеска, на организираниот пазар на електрична енергија во земјата се овозможува доставување понуди и налози со негативни цени. Оваа промена е дел од реформските активности на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, реализирани во соработка со Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО.
Со измените, ценовните прагови на пазарот ден однапред (MATS) се прошируваат од досегашните 0,10–1.000 евра на -600 до 4.000 евра за мегават-час. Кај пазарот во тековниот ден (M7), новиот опсег е од -9.999,99 до 9.999,99 евра за мегават-час.
Негативните цени овозможуваат пазарните механизми пореално да ги одразуваат односите меѓу понудата и побарувачката. Тие може да се појават во периоди на зголемено производство и намалена потрошувачка, особено при високо производство од обновливи извори на енергија.
Овој механизам обезбедува поголема флексибилност за учесниците на пазарот и поттикнува подобро планирање на производството, инвестиции во батериски системи за складирање и поефикасно управување со енергетските текови.
Можноста за тргување со негативни цени не значи дека тие автоматски ќе се формираат на пазарот, бидејќи цените и понатаму ќе зависат од понудата и побарувачката. Оваа промена не значи ниту автоматско намалување или негативни сметки за домаќинствата.
Со оваа реформа се унапредува конкурентноста и флексибилноста на домашниот пазар и се создаваат подобри услови за интеграција на обновливите извори и поврзување со европскиот енергетски пазар.












