Ангеловска: Најбргу ги очекуваме поволните средства од ММФ, согласно потребите ќе се носат и нови мерки

149

Најбргу ќе стигнат средствата од Меѓународниот монетарен фонд од странските ликвидносни инјекции, за кои се очекува најверојатно да стигнат во тек на месецов, рече министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за Утрински брифинг и дополни дека ќе се користат средства и од Светска банка, од Европската унија, како и од обврзницата за премостување. Таа посочи дека овие средства ќе се користат повеќе месеци, согласно потребите за вбризгување средства во стопанството, а дека согласно потребите ќе се носат и нови мерки.

“Зборуваме со Светска банка, знаете и дека вицепремиерот за европски прашања соопшти дека и од Европската унија добиваме одредена помош, онаа награда од 50 милиони евра, потоа заем до еврообврзница. Најбрзи средства кои ги очекуваме се од Меѓународниот монетарен фонд и потоа од сите останати до почеток на месец мај или крај на април. Овие средства не се само за еден месец, овие средства се доволни за да функционираме следните месеци зависно од колку ќе биде потребно пари за вбризгување на ликвидност во економијата. Ова се првите мерки кои се презентирани, понатаму ќе ја следиме состојбата, ќе видиме како ќе биде искористувањето и одвивањето на настаните, за да повлекуваме и други чекори кои ќе бидат потребни“, вели Ангеловска.

На некоја следните владина седница треба да помине писмото за намери кон ММФ, кое е потпишано и од дополнителната заменик министерка, посочи Ангеловска.

Таа посочи дека годинава по основ на надворешен долг доспеваат за исплата 440 милиони евра, додека план на домашниот пазар на хартии од вредност е да се издадат хартии од вредност во износ од 450 милиони евра, од кои дел се презапишуваат за враќање на стари обврски, а нето задолжувањето е планирано на нето од 200 милиони евра.

“Дел од тие стари долгови од 440 милиони се веќе вратени – поголемиот дел во јануари, додека другиот дел доспева во декември, на крајот на годината, што е на некој начин поволно бидејќи немаме дополнително потреба за враќање на стари долгови во следните два квартали“, рече Ангеловска.