Ангеловска: Отсега и општините на Отворени финансии како и јавните претпријатија

12

Отсега на платформата Отворени финансии ќе можат да се следат и сите исплати на единиците на локалната самоуправа и нивните буџетски институции. За ова информираше денеска министерката за финансии Нина Ангеловска, која посочи дека е направена надградба со која се зголемени перформансите на системот и осега ќе се објавуваат и трансакциите на општините и нивните јавни претпријатија, на истиот начин на кој се објавуваат и трансакциите на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија на платформата open.finance.gov.mk.

“Фискалната транспарентност претставува најдобра алатка за домаќинско трошење на државните пари. Надградбата на порталот „Отворени финансии” има за цел да им даде на јавноста, граѓанските организации, експертската и бизнис заедница посеопфатна слика и база на фискални податоци за трошењето на државата и општините. Тоа претставува основа за понатамошна економска анализа, зајакнување на јавната дебата со факти поткрепени со фискални податоци од официјален извор, како и  поттик за јавните чинители поефикасно и ефективно да управуваат со јавните финансии“, рече Ангеловска.

Министерката за финансии посочи дека значително е подобрена транспареноста на Министерството за финансии за 9,1 процентен поен и со тоа се рангира меѓу најдобрите десет институции во однос на индекот за актовна транспарентност. Ова се должи на трите алатаки кои се пуштени на крајот на 2019 и почетокот на 2020 година со кои јавноста има увид во движењата на јавниот долг и неговите компоненти, на капиталните расходи по буџетски корисник, како и на сите исплати од трезорот.

“Во ноември ја презентиравме платформата „Отворени финансии’ – која е исклучително висок степен на транспарентност, односно озвозможува да се следат исплатите од трезорот за буџетските институции. Со достапноста на овие информации во јавност, со оглед на обемот, но и нивото на приказ,  согласно економската и буџетска класификација, граѓаните имаат информации за буџетскиот корисник од кој е извршено плаќањето, видот на трошокот согласно економската класификација, информација за примателот на средствата, датумот на кој е реализирано плаќањето, податоци за спецификации на расходи итн. Податоците се ажурираат два пати месечно, а корисниците можат да ги преземаат во отворен формат за правење на анализи“, рече Ангеловска.

Досега платформата Отворени финансии има над 250.000 посети од страна на над 24.000 корисници кои во просек се зaдржуваат по 6 минути на страната.

Отворени финасии е изработена со поддршка на Меѓународниот републикански институт – ИРИ и Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД.

Фото:Pixabay