Англија: Остатоци од житарки претворени во пиво

37

Seven Brothers, пиварница со седиште во Манчестер, Англија, прави пиво од житарки, коишто според производителот Kellogg’s, не се доволно “совршени“ за да бидат спакувани за продажба, пишува TreeHugger.

Доколку одредени парчиња не ја поминат контролата на квалитет, завршуваат во семејната пиварница. Rice Krispies, Coco Pops и Corn Flakes се некои од познатите житарки што се претвораат во освежително пиво.

Снегулките житарки што се малку поголеми, помали или препечени за стандардот на компанијата се додаваат во мешавина што потоа се комбинира со жешка вода како почеток на процесот за правење на пиво. Крајниот резултат се три невообичаени и вкусни пива.

“Ова е прв пат вишокот на житарки, односно “несовршените“ парчиња да се искористат на ваков начин“, велат од компанијата.

Фабриката на Kellogg’s во Манчестер годишно испорачува околу 2.300 тони неупотребени житарки до локални фармери кои ги користат како добиточна храна. Но, една поинтересна алтернатива е пиварницата од каде што на житарките им се дава “нов живот“ како дел од нов производ.

Фото: Pixabay