Анита Ангеловска-Бежоска избрана за нов гувернер на НБРМ

64

Народната банка на Република Македонија вчера официјално го доби својот нов гувернер д-р Анита Ангеловска-Бежоска. Во текот на вчерашниот ден, д-р Ангеловска-Бежоска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, по што беше реализирано и примопредавање на функцијата гувернер на Народната банка. При примопредавањето на функцијата, досегашниот гувернер, г. Димитар Богов, срдечно ѝ посака успех во совладувањето на предизвиците и натамошно, континуирано успешно работење на централната банка, се вели во соопштението на НБРМ.

“Пред мене стои предизвикот со спроведување успешна и независна монетарна политика, во насока на остварување на законски гарантираните цели на централната банка, а тоа се: ценовната стабилност остварена преку стратегијата на одржување стабилен девизен курс на денарот; одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем, а преку тоа директно давајќи придонес за целокупната финансиска стабилност во нашата економија и дополнително, поддржување на општите економски политики… Исто така, би сакала да потенцирам дека сите овие успешни политики коишто се спроведуваа досега, беа резултат на големиот институционален капацитет којшто го поседува централната банка, благодарение на долгогодишното вложување на стратешкото раководство на институцијата во развојот на човечките ресурси. Тука останува мојата обврска и натаму да го градиме капацитетот, бидејќи тој е клучен за извршување на нашите задачи“, изјави Ангеловска-Бежоска во својата прва изјава до медиумите.

По стапувањето на функцијата, гувернерот Анита Ангеловска-Бежоска го одржа и својот прв состанок со стратегиското раководство на Народната банка.