Фото: Агрокор
Антонио Алварез III, кој е назначен за извршен директор за реструктуирање на хрватската компанија Агрокор, пристигна во Загреб за да ги реши проблемите со кои се соочува компанијата.
“Приоритет и прва задача ќе ни биде да го стабилизираме работењето на Агрокор и да ја спречиме кризата. Нема никаква гаранција дека ќе успееме, но во ова нема да бидам сам, имам одбран тим и пред нас имаме многу работа“, вели Алварез, кој вчера пристигна во седиштето на Агрокор, пишува Пословни дневник.
Тој најави дека ќе комуницира со сите кредитори и компании, очекувајќи напредок во целиот процес.
“Сакаме да создадеме отворен однос во кој ќе бидеме независни. Независни сме и нема да застанеме на ничија страна. Сакаме да дојдеме до решение и ќе направиме сè за да ги сочуваме работните места“, вели Алварез, кој го претстави тимот од странски соработници.
Во тимот се: Мајкл Конор Џонс, Макс Франгулов, Пол Гилберт, Богуслав Бартцак, Реналд Бејаоу, Томас Колаја, Марија Симовиќ, Дејвид Јонсон и Бери Хопкинс и сите доаѓаат од компанијата Alvarez&Marshal.
Минатата недела беше потпишан стандстил договор помеѓу банките членки на координативниот одбор на финансиски кредитори и Агрокор. Целта на стандстил договорот е да се олеснат напорите на компанијата во решавање на прашањето на ликвидност и порамнување на обврските, обезбедување континуирано работење и заштита на вредноста на концернот и негово одржливо реструктуирање.
Алварез има 25 години искуство во советување и реструктуирање на јавни и приватни компании, а во изминатиот период беше главен директор за реструктуирање на Аbengoa Group, една од водечките светски компании за обновливи извори на енергија. Компанијата Alvarez&Marsal е глобална консултантска фирма, специјализирана за обезбедување на поддршка и управување со бизнисот во тешки околности, а зад него има успешни проекти и резултати, стои во соопштението на Агрокор.