Антонио Аргир на местото на Ѓорѓи Јанчевски во НЛБ Тутунска банка

64

nlb-tutunska

Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски, заминува во пензија и на негово место доаѓа Антонио Аргир, член на Управниот одбор на банката и директор на Деловната мрежа.

Ова, меѓудругото, беше истакнато на свеченоста по повод јубилејот од 30 години од основањето и континуитетот на НЛБ Тутунска банка во Македонија.

На свеченоста, Претседателот на НЛБ Групацијата Јанко Медја истакна дека НЛБ Тутунска банка е најголемата членка на НЛБ Групацијата надвор од Словенија и најуспешната словенечка инвестиција во Република Македонија. Таа претставува добар пример за синегрија помеѓу две институции и два пазари.

“Искрено сум горд што НЛБ Тутунска банка денес е врвна банкарска институција, за што признание и благодарност заслужува целиот тим на Банката. Уверен сум дека колегите во НЛБ Тутунска банка се одлични експерти кои ќе го продолжат успешниот развој на Банката врз цврсти темели и ќе знаат да одговорат на предизвиците на исклучително конкурентската околина, дигитализацијата и промените на навиките на потрошувачите, а пред сè дека на странките ќе им нудат квалитетни и иновативни решенија со кои ќе бидат задоволни“, изјави Медја.

За јубилејот и промените, досегашниот Претседател на Управниот одбор Ѓорѓи Јанчевски, кој ја водеше Банката како прв човек безмалку 20 години, во 1985 година беше еден од иницијаторите за основање на Банката.

“За нас менаџментот, и за сите вработени претставува големо задоволство и сатисфакција што успеавме да направиме модерна банка, систем што беспрекорно функционира, што внесовме новини и позитивна енергија во македонскиот банкарски систем. Воопшто немам дилеми каква ќе биде иднината на Банката бидејќи Банката е изграден систем кој добро функционира, а она на што посебно сме горди – изградивме наша корпоративна култура и направивме наши квалитетни кадри кои се гаранција дека нашата успешна приказна, која трае 30 години, ќе продолжи“, рече Јанчевски.

НЛБ Тутунска банка АД Скопје беше основана во 1985 година како интерна банка на тутунската индустрија, а од 1993 година работи како комерцијална банка од универзален тип. Од 1996 година, Банката од типично корпоративна банка ја преориентира Стратегијата кон секторот население и микро и малиот бизнис. Во 2000 година, Банката склучува стратешко партнерство со НЛБ д.д. Љубљана и станува членка на НЛБ Групацијата од Словенија. Во 2005 година, НЛБ Тутунска банка заедно со НЛБ д.д. Љубљана го основа НЛБ Нов Пензиски фонд и станува дел од реформата на пензискиот ситем во Република Македонија.

НЛБ Тутунска банка е една од трите најголеми и најуспешни банки во Република Македонија, со континуиран раст и развој и позитивни резултати од основањето до денес, за што Банката има добиено многубројни домашни и странски награди, а повеќе пати е прогласувана за Банка на годината во Македонија од The Banker.