Апликација открива болест кај деца преку кашлање

28

Научници од Универзитет во Квинсленд, Австралија создадоа експериментална мобилна апликација што може да детектира болест кај децата преку нивното кашлање, пишува New Atlas.

Таа може да биде од помош каде е тешко да се дојде до лекар, но да им користи и на искусни доктори кои понекогаш имаат потешкотии при поставување на точна дијагноза. Тимот започнал со составување на база со податоци од аудио снимки со разни видови на кашлици, од вкупно 1.437 хоспитализирани деца на возраст од еден месец до 12 години.

Со помош на алгоритми за машинско учење, научниците искористиле 852 од вкупниот број на снимки за да ја тестираат апликацијата, да распознава различни звуци поврзани со различни болести како пневмонија, астма, бронхитис и слично.

Кога апликацијата ја искористиле за дијагноза кај останатите 585 деца нејзината точност се движела помеѓу  81 до високи 97%. Научниците ќе продолжат да ја тестираат оваа алатка и се надеваат дека наскоро ќе може да биде корисна, како за родители така и за медицински лица.

Фото: Pixabay