Специјалните тимови на Apple развиваат производи и услуги во областа на домашната роботика, поле за кое се смета дека има потенцијал да стане „следниот голем пазар“.
Инженерите во Apple работат на прототип на мобилен робот кој може да ги следи корисниците низ нивните домови, велат упатените за Bloomberg.
Иако истражувањето е сè уште во рана фаза – и не е јасно дали воопшто ќе резултира со финален производ подготвен за продажба – Apple е под зголемен притисок да најде нови извори на приходи. Го напушти својот проект за електрични возила во февруари, а прогнозите велат дека очилата за проширена реалност (AR) нема да почнат да остваруваат профит долго време.
Со роботиката, Apple би можел да добие поголема основа во домовите на потрошувачите и да ги искористи предностите на напредокот во вештачката интелигенција. Но, сè уште не е јасно каков пристап би можел да преземе.
Работата на роботиката се одвива во рамките на одделот за хардверско инженерство на Apple и неговата група за вештачка интелигенција и машинско учење. Се верува дека развојот е сè уште во раните фази на истражување, а самата компанија не одговорила на барањето на новинарот на Блумберг.