
„Епл“ очекува околу 900 милиони долари дополнителни трошоци во пролетниот квартал поради царините што ги објави претседателот Доналд Трамп, изјави извршниот директор на американскиот технолошки гигант, Тим Кук.
За да го ублажи влијанието на царините, Apple ги пренасочува пратките и бара можности за преместување на производството од Кина во други земји.
Американскиот претседател, планира да воведе царини со цел да го ублажи дефицитот во трговијата со други земји и да го поттикне враќањето на индустријата во САД.
Според сегашниот предлог, царинската давачка за увоз од Кина треба да изнесува 145 проценти. Пекинг возврати со царина од 125 проценти на американската стока и го ограничи извозот на клучни технолошки минерали.
Во меѓувреме, Вашингтон и Пекинг сигнализираа дека може да започнат преговори за прилагодување на трговските услови.
Apple моментално произведува приближно половина од iPhone-ите наменети за американскиот пазар во Индија, а според Кук, уделот треба да расте. Компанијата, исто така, планира да испорача речиси сите iPad-и, Mac компјутери и Apple Watch-ови од Виетнам во САД.
Компанијата се сврте кон производство во земји како Индија и Виетнам откако ограничувањата поради пандемијата во Кина открија слабости во нејзиниот синџир на снабдување. Сепак, повеќето уреди на Apple сè уште се склопуваат во огромни фабрики во таа земја.
На прашањето дали царините би значеле повисоки цени за потрошувачите, Кук рече дека „Епл“ има намера да продолжи да го оптимизира својот синџир на снабдување и залихите колку што е можно повеќе.
Во вториот фискален квартал што заврши во март, компанијата ги зголеми приходите за пет проценти на 95,4 милијарди долари, што укажува на бран нарачки пред најавените царини.
Извршниот директор не сакаше да ги изнесе предвидувањата за остатокот од деловната година.
„Не сум сигурен што ќе се случи со царините“, рече Кук.