Арцелор Миттал (ЦРМ) за девет месеци прикажа загуба од 303,6 милиони денари

124

Компанијата Арцелор Миттал (ЦРМ), во период од први јануари до 30-ти септември оваа година, прикажа вкупна сеопфатна загуба од 303,6 милиони денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

“Реализираните приходи од продажба во периодот до 30.09.2019 во однос на 30.09.2018 година бележат незначително намалување, од што бележиме намалени приходи од продажба од извоз, иако продажбата на домашен пазар бележи пораст“, стои во Образложението за постигнати резултат, објавено на Македонска берза.

Во текот на деветте месеци од минатата година, загуба од 174,7 милиони денари.

Вкупните приходи од продажба, заклучно 30-ти септември оваа година, достигнаа 4.964.243.000 денари. Поголемиот дел од тој износ или 4.042.364.000 денари е реализиран на странски пазари, а остатокот од 921.879.000 денари е остварен на домашен пазар.

“Важна информација за споделување е секако и продажбата на АрцелорМиттал Скопје (ЦРМ) заедно со уште пет единици во Европа од Групацијата АрцелорМиттал на новиот сопственик Либерти Хаус. Целокупната продажба беше следена од Европската комисија од која е добиено конечно одобрување со што од 01.07.2019 влегуваме во фаза на 100 дена трансформација и завршување на сите потребни институционални промени. Неколку зборови за новиот сопственик – Liberty House (Либерти Хаус) е меѓународна групација со седиште во Велика Британија, специјализирана за производство на челик и алуминиум, како и за важни трговски операции со суровини и рециклирање на метал. Либерти Хаус има свои капацитети не само во Велика Британија туку и во САД и Австралија како и во многу други земји“, стои во Образложението.

Фото: Pixabay