Фото: Facebook
Компанијата Ариљеметал, една од водечките компании од областа на машинството во Македонија, од 19-ти до 21-ви април ќе се претстави на најголемиот саем за сврзувачка техника (Fastener Fair) во Европа, Stuttgart Messe 2019, во Германија.
На сопствен штанд ќе се промовираат капацитетите и можностите на оваа наша реномирана компанија за производство на најразлични сложени машински делови за потребите на индустријата во земјите на ЕУ. Ариљеметал е веќе познат на пазарите на Унијата бидејќи нуди врвен квалитет, куси рокови на испорака и коректни цени.
“Во ова динамично време и брзи промени во индустријата, потребно е Македонските компании да бидат присутни на сите големи индустриски настани во Европа. За сериозните компании македонскиот пазар е премал и недоволен за тој да биде база за идниот развој. Конкуренцијата постојано се зголемува, меѓутоа ние веруваме во нашите квалитети и затоа сме тука да докажеме дека вредиме и дека можеме да го освоиме и Европскиот пазар и да бидеме сериозни партнери на металната индустрија во Европа”, вели Трајан Ангелоски, заменик генерален директор на Ариљеметал Скопје.
Саемот во Штутгарт е најголемиот саем од овој тип во Европа, со преку 4.000 излагачи од 50 земји во светот и со преку 100.000 посетители во трите дена колку што трае манифестацијата.
Овој саем е извонредна шанса огромен број компании од целиот свет да ги видат производите и услугите на нашата компанија, да се започнат бизнис контакти со нови, како и да се зајакнат контактите со веќе постоечките европски бизнис партнери.