Arrival го покажа првиот ЕВ кој ќе го промени превозот на патници

136

Компанијата Arrival го заменува својот фокус кон електричните автобуси и комбиња за испорака со својот прв прототип за автомобил

Arrival е компанија за електрични возила која има за цел да лансира автомобил кој е конкретно дизајниран кон услугите за транспорт на патници и нивните возачи. Првиот прототип сега е комплетиран, а производителот планира да започне со тестовите во 2022 година.

Прототипот за Arrival Car е создаден за само шест месеци со користење на технологија од постоечките проекти на компанијата Van и Bus. Инженерите работеа и со возачите на Uber со цел да го приспособат возилото според нивните потреби.

Дизајнот на екстериерот го става приоритетот на прегледноста за возачот, па така тука се наоѓаат големите прозорци и експанзивното предно стакло. Краткото предно надвисување и аголната предница овозможуваат добар преглед кон напред. Патниците ќе можат да уживаат во големиот, проѕирен покрив, а со оглед на тоа дека возилото е доста високо, просторот за глава нема да биде проблем за најголемиот дел од луѓето кои ќе го користат возилото.

Максимален фокус на удобноста

Ентериерот е со минималистички дизајн, а патниците во задниот дел ќе најдат конфигурација на клупа. Од Arrival велат дека дизајнот на возилото нуди двојно повеќе простор за нозете во однос на просечен автомобил со истата должина. Кога станува збор за просторот, предното патничко седиште може да се поклопи и да се помести нанапред, делумно влегувајќи под контролната табла, се со цел за максимален простор за нозете. На предниот дел, пред возачот се наоѓа едноставен двокрак управувач, а забележителен е недостатокот на физички контроли. Наместо тоа, тука е самостојниот инфозабавен систем кој се справува со повеќето функции на возилото и е замислен да прикажува специфични информации за возењето.

Како возило наменето конкретно за транспорт на патници, Arrival Car става акцент на трошоците, времето на работа, удобноста на возачот, безбедноста и комфорот на патниците. Компанијата сака моделот да работи најдобро во урбаните средини каде што се лоцирани поголемиот дел од клиентите. Производителот се уште нема објавено детали за погонот или батеријата за возилото.

Во Arrival планираат да го конфигурираат возилото за време на тест фазата, зависно од повратните информации. Од компанијата не открија кога планираат да го лансираат својот производ.

Преземено од Avtoplus.mk