Арсовска: Мерките треба да бидат таргетирани, а процедурите едноставни, без непотребно аплицирање за документи

50

Во очекување на консултативна средба со владата за петтиот сет мерки за помош на стопанството, Сојузот на стопански комори достави листа од 15, како што велат, скромни мерки во однос на реалните состојби во економијата.

”Важно е да се зачуваат работните места, но и да се надмине нарушената ликвидност која многу брзо, доколку не се обезбеди континуирана финансиска помош може да доведе до затворање на дел од правните субјекти”, вели во интервју за  Локално, претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Како нужна ја посочува потребата од продолжување на поддршката за исплата на платите и посочува дека предвременото укинување на мерките не само што може да нанесе последици за чие санирање ќе треба ангажирање на многу повеќе средства, туку ќе ги анулира и ефектите кои до сега се постигнати.

“Ако сакаме брза имплементација и навремена исплата на помошта на оние кои се најзасегнати, мерките треба да бидат таргетирани, а процедурите едноставни, ослободени од непотребно аплицирање за документи кои институциите може да ги добијат по службен пат”, вели Арсовска.

За најавената предлог политика за недела како неработен ден, спровеле анкета во која претпријатијата позитивно се изјасниле за нејзина реализација.

“Единствените забелешки кои беа истакнати беа за предвидување на исклучоци кои би овозможиле на граѓаните да им бидат достапни извесни содржини за време на викендите, но и во рамки на законот да работат оние дејности кои се во функција на јавниот интерес“, вели Арсовска.

Фото: Pixabay