Асенд Капитал од Велика Британија ќе инвестира во Македонија

60

getImageThumbnailБританската компанија Асенд Капитал, која е и сопственик на Актив Груп со глобална мрежа од кол-центри во Европа и Африка, ќе инвестира во Македонија. Ова беше најавено во петокот на прес конференција од страна на директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида и директорот на компанијата, Џастин Драмонд.

“Асенд Капитал отвора кол центар за директен маркетинг и регионална продажба на еколошки препарати за чистење, инвестиција вредна неколку стотици илјади евра. Од регионот, првично ќе бидат опфатени земјите од Балканот, како Србија, Бугарија, Косово и Турција. Во период од 12 до 18 месеци британската компанија планира да вработи 100 до 150 млади кадри од Македонија со познавања на регионалните јазици. Покрај вработувањата коишто се најголема придобивка за земјата, инвестицијата ќе влијае и на подобрување на трговскиот биланс со земјите од регионот”, изјави директорот на македонската Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида.

Џастин Драмонд, сопственикот на Асенд Капитал, го искажа своето задоволството од донесената одлука за инвестирање во државава.

“Oваа првична инвестиција ќе претставува одлична платформа за проширување на нaшите инвестиции во Македонија. Лично му се заблагодарувам на г-дин Фида за начинот на кој не прими во земјата и што на вистински начин ни ги презентираше сите можности за инвестирање во Македонија”, рече директорот.

Британците ја разгледуваат и можноста за инвестирање во хотелиерството инвестиција која би вредела неколку милиони евра, како и во индустријата за недвижнини и минерални ресурси.

Драмонд, како главни причини за одлуката за инвестирање во Македонија ги  посочи одличната деловна клима во земјата, стабилната макроекономска политика, цената на трудот и помошта од Агенцијата за странски инвестиции и канцеларијата во Велика Британија.

Од Агенцијата за странски инвестиции најавуваат уште една одлука за инвестирање на уште една британска компанија од технолошкиот сектор и нови 400 вработувања.