АСО: Бројот на претставки решени во корист на осигуреници зголемен за 37%, најчесто се жалат на основ за исплата и висина на надомест

15

Продолжува да расте бројот на претставки кои до АСО ги поднесуваат незадоволни осигуреници што укажува на заклучок дека осигурениците ја препознаваат посветеноста на менаџментот и вработените на АСО во заштитата на правата на осигурениците. Очекувано најбројни, во првите три месеци годинава, се поплаките на осигуреници при обештетување од автомобилска одговорност. Во овој период не била поднесена претставка само за една од вкупно 16 компании за осигурување.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во првите три месеци годинава прими 71 претставка од осигуреници кои се пожалиле на услугите од осигурителни компании. Бројот на поднесени претставки во овој период е зголемен за 14,5 отсто во споредба со првиот квартал 2022 година.
Од поднесените претставки 5 биле без основ за разгледување, а подносителите во 6 случаи ги повлекле своите поплаки.

Во корист на осигурениците се решени 11 претставки. Во процес на постапување се 16, а негативно се решени 33 поплаки на осигуреници.
Очекувано, и годинава најголем број на поплаки има во најмасовната осигурителна класа „осигурување од автомобилска одговорност (АО)“ која е задолжитена со закон. Поднесени се 34 претставки за штети кои настанале во сообраќани незгоди и се покриени со ова осигурување.

Најбројни, вкупно 18, се претставките во кои осигурениците се жалат на решавање штети настанати при сообраќајни незгоди решени врз основа на користење полициски записник. Најголем дел од нив се однесуваат на висината на обештетувањето и се решени негативно.
Во овој период е намален бројот на поплаки за решавање штети врз основа на пополнет европски извештај. Во првите три месеци се добиени 13 претставки за решавање штети и тоа е за 32 отсто помалку од истиот период лани.
За осигурување имот се поднесени 9 претставки, а по 8 се однесуваат на приватно здравствено осигурување и на осигурување од незгода.

Исто како и претходната година, во однос на причината поради која се жалат осигуреници, најбројни во овој период се претставките кои се однесуваат на основот по која компаниите исплаќаат штети. За првите три месеци се примени 33 такви претставки и тоа е за 65% повеќе од истиот квартал во 2022 година.

Најзначајно намалување на бројот на поплаки има за процесот во кој компаниите ги обработуваат штетите на осигурениците. Од почеток на јануари до крајот на март годинава се поднесени само 5 такви претставки и тоа е за 68 отсто во однос на истиот период лани.
За висината на надоместот на штета што го нудат осигурителните компании во првите три месеци годинава се пожалиле 19 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите во кои е донесена одлуката за износот на понудена оштета.
Од поднесените претставки 61 се поднесени од граѓани, а 10 од правни лица.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.