АСОМ тврди: Предлог измените на законот за игри на среќа се противправни

25

Заради наметнатата обврска на усогласување кое не било предвидено во моментот на издавање на лиценците, со барање или поведување на постапки за нанесена материјална штета која ќе ја претрпат обложувалниците, може да се предизвика и директна материјална штета по буџетот, кој и онака со ваквото законско решение ќе остане покус за над 250 милиони евра, средства со кои индустријата на игри на среќа придонесува во државната економија, сметаат од Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ).

Почетокот на процесот за подготовка на закон за измена и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавните игри, наиде на силна реакција од страна на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија. Асоцијацијата стои на ставот дека нема да прифатат закон кој води кон целосно затворање на индустријата. Ова, велат од АСОМ, е погубно решение кое ќе “збрише“ цела една стопанска гранка, која има значаен социо-економски придонес во државата.

Освен тоа, Асоцијацијата укажува и на домашни и меѓународни правни консеквенци со кои може да се соочи државата, бидејќи со ваквото законско решение, кое ќе стави клуч на врата на спортските обложувалници, на компаниите им се одзема стекнатото деловно право по основ на важечките лиценци за постоечките објекти.

Асоцијацијата на спортски обложувалници констатира дека предлог измените на Законот се противправни на веќе издадените и постоечки лиценци и дека истото ќе предизвика правна несигурност кај субјектите на коишто им е издадена лиценца со точно одреден рок на важење согласно Законот за игри на среќа.

Условите кои ги наметнува новиот закон, де факто значат затворање на нашите објекти, а со тоа и прекин на правата кои ги регулираат лиценците. Спортските обложувалници плаќаат лиценци кон државата кои им гарантираат услови за работа за периодот за којшто е издадена лиценцата. На основ на тие лиценци, приредувачите на игри на среќа во обложувалница вложуваат во простор, средства за работа, ИТ решенија, нови вработувања. Заради наметнатата обврска на усогласување кое не било предвидено во моментот на издавање на лиценците, со барање или поведување на постапки за нанесена материјална штета која ќе ја претрпат обложувалниците, може да се предизвика и директна материјална штета по буџетот. Буџетот ионака со ваквото законско решение ќе остане покус за над 250 милиони евра, средства со кои индустријата на игри на среќа придонесува во државната економија, велат од АСОМ и посочуваат дека во моментот се во тек правни консултации со домашни и меѓународни експерти.