Еден од двата ексклузивни Aston Martin DB10 автомобила што беа специјално направени за промоција на најновиот филм со Џејмс Бонд, Spectre, е продаден на аукција за 3,4 милиони евра, пишува Automobilemag.
Британскиот производител на луксузните спортски автомобили направи вкупно десет вакви модели, а осум беа искористени за снимањето на филмот. Деветтиот примерок ѝ припадна на компанијата Aston Martin како дел од нивната колекција, а десеттиот е продаден на аукција во Лондон.
Неговата почетна цена беше 1,43 милиони долари, а продаден е за двојно повеќе. Сепак, овие пари одат во добротворни цели, односно за организацијата Doctors Without Borders (Доктори без граници).
Продадениот автомобил е со потпис на актерот Даниел Крег, а интересен е фактот што истиот не е наменет за возење, од причина што не ги исполнува сите технички барања од правилникот за сообраќај.
Купувачот на Aston Martin DB10, кој сакал да остане анонимен, очигледно немал ништо против ова, со оглед на тоа што цената на овој редок автомобил се зголемува со секоја измината година.