Астон Мартин на пат да собори рекорди во продажба

83

Трикратниот пораст на продажбата оваа година не успеа да го спаси Астон Мартин од загуби од неколку милиони долари, но барем за прв пат по долго време, може да се види светлината на крајот од тунелот.

На 24 август, германските финансиски регулатори објавија дека не откриле никакви нерегуларности по наводите за внатрешно тргување со акции помеѓу Астон Мартин Лагонд и шефот на тркачкиот тим на Мерцедес во Формула 1, Тото Волф. Истрагата на германското Федерално министерство за финансии го испитуваше купувањето на удел во Астон Мартин поради односите меѓу двете марки, имајќи предвид дека Дајмлер, како сопственик на Мерцедес-Бенц, веќе има малцински удел во Астон Мартин.

Тоа беше уште една победа на познатиот британски производител на автомобили, по долга листа на неуспеси и грешки. Компанијата има долга традиција на повремени лоши управувања во текот на својата 108-годишна историја, што доведе до седум банкроти, од кои последниот беше во 1974 година, и речиси банкрот во 2014 година. А кој друг може да го заборави катастрофалното ИПО, кога цената на акциите на компанијата падна за 6,5 проценти на денот на нејзиното котирање на берзата, а набргу потоа и за уште 75 проценти?

Поврзувањето на овој познат бренд со Џејмс Бонд не помага многу. Компанијата продава помалку од 5.000 возила годишно на глобално ниво, што е само мал дел од она што го постигнуваат Мерцедес-Бенц или Порше, со стотици илјади примероци. Астон Мартин продаде 4.150 возила ширум светот во 2020 година, што е за 32 проценти помалку отколку во 2019 година, пишува Блумберг.

Но, подобри резултати се веќе постигнати оваа година. Во јули, компанијата објави зголемување на продажбата за 224 проценти за првите шест месеци, бидејќи се продадени 2.901 возило, од кои повеќе од половина го вклучува моделот теренец DBKS SUV, кој чини 189.000 долари. Од Астон Мартин велат дека ќе достигнат бројка од 6.000 продадени возила до крајот на 2021 година.

Работите во Астон Мартин почнаа да се подобруваат кога канадскиот моден милијардер Лоренс Строл купи 16,7 проценти од акциите на компанијата минатата година. Во август 2020 година, Строл го ангажираше поранешниот шеф на Мерцедес и дведеценискиот ветеран на Дајмлер, Тобајас Морс, како негов главен заменик, а тој пак ги убеди некои од неговите најдобри поранешни соработници да му се придружат.

Паричниот тек на Астон Мартин се очекува да остане негативен во 2021 година, и покрај тоа. Но, ако компанијата го следи својот план, влезот во плус се предвидува до 2023 година, рече Морс.

Тој план вклучува проширено портфолио на производи со најмалку два нови спортски автомобили со т.н среден мотор – суперавтомобил „Валхала“ и спортски автомобил „Ванквиш“. Има и серија на електричен погон, развиена во партнерство со Мерцедес, и инвестиции од неколку милиони долари за надградба на инфозабавниот систем за секој од новите модели.

Морс забележува дека до првиот квартал од 2022 година, Астон Мартин ќе претстави нови варијанти на моторот DBX, вклучувајќи хибридна и верзија со високи перформанси кои теоретски би можеле да се натпреваруваат со Урус на Ламборџини, пишува Блумберг.