AstraZeneca ја повлече вакцината против Ковид

61

AstraZeneca почна да ја повлекува својата вакцина против Ковид-19 ширум светот, дознава Гардијан.

Соопштението дојде откако фармацевтската компанија доброволно го повлече одобрението за ставање во промет на лекот во Европската унија во март.

AstraZeneca објасни дека одлуката е донесена бидејќи има голем број нови вакцини достапни кои се прилагодени на новите варијанти на коронавирусот. Ова резултираше со пад на побарувачката за нивната вакцина, која повеќе не се произведува или снабдува.

„Само во првата година од употребата беа спасени повеќе од 6,5 милиони животи, а ширум светот беа испорачани над три милијарди дози“, наведуваат во соопштението за медиумите.

Многу земји веќе престанаа да ја снабдуваат вакцината, па таа не е достапна за употреба во Австралија од март минатата година.

„Нашите напори беа препознаени од владите ширум светот и денес се сметаат за клучна компонента за ставање крај на пандемијата. Сега ќе работиме со регулаторите и нашите партнери за да го затвориме ова поглавје“, заклучија од AstraZeneca.