Најавите дека германскиот производител Audi ќе стане дел од Formula 1 е навистина блиску и до конечна реализација
Audi е мошне блиску до приклучување кон Formula 1 шампионатот, пренесува Autocar, повикувајќи се на писмо кое германската компанија го испратила до Меѓународната автомобилстичка федерација (FIA). Писмото е напишано од Маркус Дуесман, извршниот директор на Audi, како и Оливер Хофман (член на управниот одбор на Audi AG Technical Development). Писмото е адресирано до сега веќе поранешниот претседател на FIA, Жан Тод и во него се вели следново: „Благодарение на вашите напори ние сега сме блиску до целта“.
Иако извршниот директор и шефот за технички развој велат дека вклучувањето на Audi во најбрзиот циркус на планетата се уште не е одобрено од страна на бордот на Volkswagen Групацијата, тие велат: „Неодамна, бевме сведоци на уште едно достигнување – првиот нацрт на техничките спортските и финансиските регулативи“, притоа додавајќи „Веруваме дека содржи задоволнителни решенија за сите страни“.
Писмото завршува со следнава реченица: „Со нетрпение очекуваме да работиме со вас и вашиот тим, да го завршиме овој важен процес и да го потврдиме влезот на Audi во Formula 1 на почетокот од следната година“, навестувајќи дека конечната одлука ќе биде донесена во следните месеци.
Volkswagen ќе ја донесе конечната одлука
VW Групацијата размислува за влез во Formula 1 веќе некое време. Пред неколку недели, Томас Лауденбах, шефот на Porsche Motorsport, официјално го потврди нивниот интерес за Formula 1, истакнувајќи дека се во преговори со FIA. Иако последните извештаи ја потврдуваат вмешаноста на Audi, се уште не е јасно дали VW ќе дозволи двете компании да продолжат понатаму и дали ќе влезат со фабрички тимови или како снабдувачи со мотори. И покрај фактот дека McLaren негираше дека ќе биде откупен од Audi, Autocar наведува дека германската компанија ќе преговара и со McLaren и со Red Bull за можно идно партнерство кое ќе резултира со купување акции во нивните F1 тимови.
Volkswagen сака да ја искористи ситуацијата со новите правила за моторните единици кои ќе се најдат во фокусот во 2026. Новите регулативи ќе направат F1 да биде попријателска кон околината со прифаќање на одржливи горива и хибридни мотори. Истовремено, ќе се намалат огромните трошоци за истражување и развој кои се поврзани со спортот во моментов, со што ќе биде полесно за нови компании да влезат и да се натпреваруваат.
Преземено од Avtoplus.mk