Ауди најавува големо реструктуирање поради падот на продажбата

Групацијата Ауди, која ги вклучува и Ламборџини, Бентли и Дукати, оствари приход од 29,2 милијарди евра во првите шест месеци од оваа година

Германскиот производител на автомобили Ауди мора да спроведе сеопфатно реструктуирање заедно со матичната компанија Фолксваген за да остане конкурентна на глобалниот пазар, изјави денес финансискиот директор на Ауди, Јирген Ритерсбергер, по објавувањето на послабите резултати за првата половина од 2026 година.

Групацијата Ауди, која ги вклучува и Ламборџини, Бентли и Дукати, оствари приход од 29,2 милијарди евра во првите шест месеци од оваа година, што е за 10 проценти помалку во однос на истиот период минатата година, објавува Ројтерс.

Главната причина за падот на бизнисот е послабата продажба на два клучни пазари – Кина и САД.

Во исто време, оперативната добивка на Ауди се зголеми за три проценти на годишно ниво, на 1,1 милијарди евра, со оперативна маржа од 3,8 проценти, благодарение, според компанијата, на строгата контрола на трошоците.

Компанијата се соочува со високи оперативни трошоци, зголемена конкуренција од кинеските производители и притисок од американските царини, а фабриката на Ауди во Некарзулм се соочува со затворање по 2030 година.

Според Ритерсбергер, Ауди веќе го намалил производствениот капацитет во Некарзулм.

Фабриката моментално може да произведува околу 225.000 возила годишно, што е за околу 75.000 помалку отколку во претходните години.