Аудио читач – апликација за слепи и лица со оштетен вид

131

На иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите нации, во партнерство со  Националниот сојуз на слепи, започна процес на изработка на софтвер –  апликација која на слепите и лицата со оштетен вид ќе им овозможи пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија. Дигиталната апликација – аудио читач ќе биде бесплатна и достапна за сите, достапна на македонски и албански јазик и лесно применлива за сите возрасти.

Е – продуктот ќе биде достапен во мобилна и десктоп верзија, при што на корисниците ќе им се понуди можност за едноставно и лесно користење на алатката во секојдневниот живот.

“Ми претставува особена чест и задоволство што денеска имам можност да соопштам дека слепите лица во Република Северна Македонија за првпат ќе добијат функционална, современа и соодветна алатка која ќе им овозможи поголема независност во сите сфери од секојдневниот живот. Апликацијата – Аудио читач, која ќе биде достапна во мобилна и десктоп верзија ќе биде создадена согласно современите технолошки трендови. Taa ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе го изразува со природен глас. Аудио читачот,  целосно ќе го промени начинот и квалитетот на живот на слепите лица и лицата со оштетен вид, затоа што  ќе има примена во сите области на живеењето. Тој ќе овозможи, непречена комуникација, непречено движење,  целосно вклучување во општеството“, потенцираше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Аудио читачот ќе има примена во сите области на живеењето, а посебно од огромна важност ќе биде неговата примена при стекнување знаења, информации и воспоставување комуникација по системот „од текст до глас”. Алатката ќе може да ја користат учениците, студентите, невработените лица кои бараат работа, практикантите, вработените и сите оние кои се соочуваат со потешкотии при совладување на информациите прикажани во текст.

“Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост потенцира дека лицата со сите видови попречености мора да ги уживаат сите човечки права и фундаментални слободи. Во актуелните услови на глобална криза поради Ковид – 19, максимата на ОН ‘никој да не биде изоставен’ станува уште порелевантна, посебно кога зборуваме за инклузивни и интегрирани општества. Новиот продукт на слепите лица ќе им овозможи поголема и поефикасна дигитална пристапност, а со тоа ќе се исполнат и условите за независно живеење, слободен пристап до информации, слобода на говор и изразување и комуникација, не-дискриминација, целосно и ефективно учество и вклученост во општеството“, истакна Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Нарине Сахакјан.

За Претседателот на Националниот сојуз на слепи, изработката на аудио читачот претставува исчекор во квалитетот на живот на оваа категорија на граѓани.

“Огромно е задоволството што конечно слепите лица ќе може да добијат соодветно аудио помагало кое ќе може да го користат на свој мајчин јазик, лесно разбирлива која текстот го изразува со природен глас. Оваа дигитална апликација ќе ги зголеми шансите и можностите секое слепо лице полесно да се движи, да ги извршува секојдневните домашни работи,  да учи, да се социјализира, да најде вработување и да остварува свој приход, а тоа е од непроценливо значење за сите нас“, изјави Претседателот на Националниот сојуз на слепи, Жарко Селковски.

Аудио читачот апликација, освен за слепите лица, ќе може да го користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро ги разбираат во аудио формат.

Се очекува изработката на е – продуктот да биде финализирана за околу два месеци, при што се отвора можност и за регионално користење од страна на слепите лица кои комуницираат на македонски и албански јазик.

На решението ангажирана е да работи реномирана американска компанија Non-Routine LLC, со искуство во изработка на вакви комплексни аудио решенија и применливи компјутерски технологии за неколку светски јазици, со поддршка на локален тим од лингвисти и филолози.

Аудио читачот за Андроид мобилните телефони ќе може да се преземе од Google Play Store при што ќе биде интегриран со постоечката Talkback платформа, што е инсталирана во секој андоинд уред.