Авантурата наречена Аурора ја претворивме во успешна приказна што трае

1241
aurora-predna-slika
Славчо Сирачевски, сопственик на Аурора турс

Уште на самиот почеток се определивме за ексклузивни аранжмани кои се однесуваат на подалечни дестинации и долги години бевме единствени со ваква понуда. Покрај ексклузивните аранжмани, она што ја обележува Аурора Турс се пакет аранжманите со чартер летови од Скопје

БИ: Колку време постои агенцијата Аурора турс? Со какви проблеми се соочувавте кога започнувавте?

Агенцијата Аурора турс е основана во ноември 1990 година и е меѓу првите агенции отворени со приватен капитал. Пред да ја основам Аурора работев во хотел Континентал, бев шеф на рецепција, што е второ место по ранг во хотелиерството. Пред Континентал работев во Олимписко село и хотел Панорама, а бев и професионален водич за белградски Путник во Македонија. Целото тоа искуство ме поттикна да размислувам дека треба да ја напуштам државна работа и да се обидам да отворам своја агенција. Моите адути беа во мене, знаев сигурно дека ќе успеам во тој дел и затоа се одлучив на таков чекор. Дури некои од колегите се чудеа како можам да оставам толку убаво работно место во Континентал и да почнам една, како што ја нарекуваа авантура, да одам во приватен сектор. На почетокот имавме големи тешкотии затоа што во тоа време луѓето не му веруваа на приватниот сектор, им веруваа на државните агенции. За да ги разубедиме, ние дури на клиентите им велевме дека ќе им изработиме комплетна тура и ако не се задоволни нека не ја плаќаат, само за да ги убедиме дека сме професионалци во тој дел. Првата година беше многу тешка. Потоа стана обратно. По неколку години државните агенции почна да изумираат, луѓето почнаа да не им веруваа и се свртеа кон приватните агенции.

БИ: Какви услуги нуди Аурора? Што е она по што се издвојува од останатите туристички агенции?

Уште на самиот почеток се определивме за ексклузивни аранжмани кои се однесуваат на подалечни дестинации и долги години бевме единствени со ваква понуда. Тука треба доста вложување, затоа што за да се состави ваков аранжман, неопходно е да се посети дестинацијата, а потоа да се прилагоди на барањата на клиентите како по однос на содржина, така и по однос на цена. Патниците бараат од нас идеја за хотел, сакаат да им се посочи кое место да го посетат…

Аурора направи еден добар тим од млади луѓе, претежно едуцирани во странство. Во бизнисот се и мојата ќерка која заврши интернационален туризам во Брајтон, синот кој дипломира на Рединг и сопругата која е архитект, но уште пред 20 години се вклучи во туризмот, што значи дека ова е фамилијарен бизнис којшто добро го раководиме.

БИ: Сами ги составувате понудите?

Да, ние сме единствена агенција која ги работи тие дестинации без ничија помош. Некои агенции во Македонија нудат ексклузивни аранжмани, но ги продаваат како готови производи од други светски агенции како Туи, Контики, Некерман. Ние сами го креираме пакетот и нормално, тргнувањето секогаш е од Скопје, а летовите ги комбинираме во зависност од поврзаноста со посакуваната дестинација. Македонија е мала земја, немаме многу директни летови, што би го намалило и ризикот и трошокот на патниците. Малку сме хендикепирани во тој поглед, а имаме во понуда преубави дестинации кои сами по себе не се скапи, но за кои авионската карта е премногу скапа. Но, ние се определивме на тие ексклузивни аранжмани и од почетокот бележиме резултати. Покрај ексклузивните аранжмани, она што ја обележува Аурора Турс се пакет аранжманите со чартер летови од Скопје.

БИ: На која дестинација беше првиот чартер лет?

Првиот чартер лет беше во 1991 година за Сочи, Русија. Од тогаш наваму никој не направил чартер лет за Сочи. Директните чартери Скопје – Сочи беа многу евтини. Во тоа време Русија беше во транзиција и 10 дневен аранжман чинеше 200 – 300 марки, сместување, авион, се комплет. Русија тогаш не беше туристички развиена, all inclusive беше мисловна именка, но беше многу убава и луѓето до ден денес го паметат Сочи. Тоа лето можеби испративме 1.500 туристи од Скопје.

После Сочи како дестинација почнавме да го работиме Тунис – Хамамет и Сус, а во летниот период слетувавме во Тозер, Сахара, за време на Новогодишните празници. Тунис го работевме 15 години, а потоа отворивме нови дестинации, Шарм ел Шеик и Хургада во Египет. Во Турција почнавме со чартери за Бодрум, Кушадаси, Мармарис и предизвикавме огромен интерес особено кај помладите. По една година почнавме да летаме и за Анталија, а во меѓувреме секогаш објавувавме по некоја нова дестинација како Крит, Барселона, Сицилија…

nagrada

БИ: Освен ексклузивни дестинации и чартери, што друго има во понудата на Аурора?

Освен ексклузивните аранжмани и чартер дестинациите, работиме и студентски програми, програмата Work and Travel, која први ја воведовме во Македонија и имаме посебно одделение за тоа. Генерални застапници сме за ISIC картичките за студентски попусти во цел свет. Имаме и сегмент авио карти, кој што доста успешно го работиме. Пред две години го отворивме и нашиот хотел, Aurora Resort & Spa во Берово, дефинитивно еден од најубавите хотели во Македонија и пошироко. Пред неколку месеци во Бугарија ја добивме првата награда за најдобар планински СПА Резорт на Балканот во конкуренција од осум земји. Наградата ни ја додели индонезискиот амбасадор, кој доаѓа од земја што е водечка светска сила во спа индустријата. Сега се бориме за многу голема светска награда, тоа е The Green Hotel Award за еко хотели што ќе се доделува во Лондон, а ние очекуваме да добиеме бронзен медал. Добивањето на оваа награда е едно огромно признание за нас и за Македонија воопшто.

berovo 1

БИ: Кои стандарди треба да бидат исполнети за еден хотел да биде еко хотел?

Во моментов во туризмот најинтересни се и многу се бараат еко хотелите. За хотелот да биде со предзнак еко, треба да се исполнети повеќе од 170 точки, но ние уште во самиот старт се определивме за тоа. Според стандардите, треба да се користат само еко материјали, а кај нас за изградба е користено исклучиво камен и дрво. Хотелот треба да има греење коешто нема да ги загадува ниту воздухот ниту почвата, греењето мора да биде надополнето со користење на сончева енергија. Ние скоро секаде имаме соларни панели и не трошиме воопшто струја, особено во лето. Стандардите наложуваат да се намали потрошувачката на вода, да се рециклира целиот отпад, да се заштити околината, вработените. Имаме уште доста работи кои треба да се имплементираат, но работиме на тоа.

berovo 4БИ: Што значи овој хотел за истокот и воопшто за развојот на планинскиот туризам во Македонија?

Резортот го почнавме од нула, од еден камен. Го градевме 10 години, но желбата ни беше преголема. Ја сакавме таа локација, јас сум родум од Берово и имав желба да му дадам некаков инпут на тоа место кое е преубаво, место кое што има огромни потенцијали, особено ако се отвори граничниот премин кон Бугарија, Клепало. Сметам дека не сме погрешиле во одлуката да инвестираме во Берово. Еве, со нашиот хотел се раздвижија многу работи. Многу ме радува што почнува да се негува планинскиот туризам. Македонците немаа навика да го негуваат тој вид на туризам, но сега забележувам дека се поголем е бројот на оние кои претпочитаат да отседнат на планина. Ние склучивме договор со најголемиот туроператор Туи, кој со чартери носи Холанѓани во Охрид, од каде ги превземаме туристите и ги трансферираме во Берово. На почетокот почнавме со седумдневен аранжман, а сега Холанѓаните почнаа да уплаќаат 14, 21, па дури и 28 дена. Уживаат во Берово, а доаѓаат и Белгијци и Данци, туристи за кои откривањето на нови дестинации претставува предизвик.

Според едно швајцарско истражување, Берово е еден од четирите коридори во светот по богатство со кислород. Источниот дел на Македонија е многу убав, но за жал прилично запоставен од повеќе аспекти, особено од аспект на туризмот. Затоа повторно потенцирам дека државата ќе направи многу големо добро за тој дел од Македонија ако успее да го отвори преминот Клепало. Тогаш целиот тој регион ќе заживее. Во Банско и Сандански во Бугарија доаѓаат многу туристи кои сигурно би дошле на ден – два да ја посетат Македонија.

berovo 2

БИ: Какви новости подготвувате за во скора иднина?

Во скора иднина планираме да ја збогатиме нашата понуда со неколку нови дестинации, да воведеме нови сегменти во работењето на агенцијата, а во хотелот да постигнеме највисоки можни стандарди како во однос на содржините, така и во однос на услугата.