Августовските пензии ќе се исплаќаат од 26 август во четири групи

90

Пензиите преку деловните банки ќе почнат да се исплаќаат од 26 август. На корисниците ќе им бидат достапни преку мрежите на банкоматите и да ги користат во трговската мрежа, а готовинската исплата ќе се врши во четири групи на 26, 27 и 28 август и на 1 септември.

Овој месец, корисниците на пензии кои ја добиваа пензијата на сопствената адреса преку Пошта, нема да може да го остварат ова право, бидејќи ниту една банка нема склучено договор со Македонски пошти за оваа услуга, откако пропадна Еуростандард банка.

Пензионерите кои ги примаа пензиите на домашна адреса, треба да отворат трансакциска сметка во друга банка и да ја подигнат пензијата од таа банка.

На оние корисници на пензиите кои досега ги користеа услугите на Еуростандард Банка АД и кои до 25 август нема да успеат да отворат трансакциски сметки во другите банки августовските пензии ќе им бидат префрлени подоцна во септември, откако Владата на вчерашната седница го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и им препорача на деловните банки да обезбедат други дополнителни редовни исплати за корисниците на пензии кои се префрлени од Еуростандард Банка АД Скопје во другите деловни банки. Овие граѓани ќе можат да располагаат со августовските пензии на 7 септември, 14 септември и 25 септември.

Редовната исплата на пензиите ќе се врши во четири етапи, и тоа: во среда, на 26.08.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари; во четврток, на 27.08.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари; во понеделник, на 31.08.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари; во вторник, на 01.09.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.