Авио линија Скопје – Женева од скопски аеродром за 40 евра

36

aerodrom aleksandar veliki

Од скопскиот аеродром од утре почнува да се реализира авионската линија Скопје – Женева. Стартува со еден лет во неделата, а во текот на летната сезона се најавуваат два лета од Скопје кон Женева и обратно, пишува Миа. Картата во еден правец ќе чини од 40 евра.

“Ова е трета понуда на поврзување на Скопје со Швајцарција. Покрај Базел и Цирих сега се обновува линијата со Женева“, рече директорот на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски. Тој додаде дека од почетокот на годината е забележан пораст за 29% на бројот на патници и за 17% на операциите.

Во првите три месеци патувале 264.213 патници, а релаизирани се 2.932 полетувања и слетувања.

Бернард Водл, директор на Свис на промоцијата изрази задоволство што успеале во нивната мрежа, која постојано ја прошируваат, да го воведат и Скопје. Според него, со овој лет ќе се придонесе кон продлабочување на врските меѓу Македонија и Швајцарија.

“Скопје станува сè поинтересна туристичка дестинација, како и Охрид, и на овој начин очекуваме Македонија да ја приближиме на Швајцарија“, истакна Водл.

Тој додаде дека Свис и натаму ќе продолжи да инвестира во своето присуство во Централна и Источна Европа.

Швајцарската компанија од скопскиот аериодром до Женева ќе оперира во вторник попладне.