Австралија воведува построги закони за вештачката интелигенција

Австралија ќе воведе построга легислатива поврзана со вештачката интелигенција (ВИ), објави министерот за индустрија и наука Ед Хусик.

Во интервју за телевизијата ABC, Хусик истакна дека во професијата постои загриженост за брзиот развој на оваа технологија, пренесува Reuters.

Владите имаат јасна улога, треба да го препознаат ризикот поврзан со вештачката интелигенција…и да воведат рестрикции – рече Хусик.

Тој рече дека Австралија ќе размисли за забрана на високоризичните елементи на вештачката интелигенција доколку „побарувачката“ за таква мерка е силна за време на јавните дискусии за новите закони.

Австралија е една од првите земји што во 2018 година воведе регулација на областите поврзани со вештачката интелигенција на доброволна основа. Хусик призна дека има недостатоци во актуелните австралиски закони поврзани со авторските права, приватноста и заштитата на потрошувачите и рече дека владата на оваа земја сака да го следи забрзаниот развој на вештачката интелигенција со ново законодавство.