Австрија ќе продолжи да биде силен промотор и партнер на Северна Македонија

15

Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска беше домаќин на делегација предводена од Кристијан Сагарц, европратеник од Австрија и известувач во сенка за Република Северна Македонија во Европскиот парламент.

За време на средбата, пред делегацијата во која учествуваа и неколку австриски бизнисмени беа претставени инвестициските потенцијали на Република Северна Македонија, со посебен акцент на можностите во делот на обновливи извори на енергија и производство.

Вицепремиерот Битиќи ги потенцираше одличните економски односи со Австрија и ја реафирмираше спремноста на македонската Влада за интензивирање на соработката во делот на „ниршоринг” и зајакнување на синџирите на снабдување.

Истовремено, Битиќи се заблагодари на придонесот на Република Австрија во евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија и изрази уверување дека македонските власти се силно посветени во реализација на реформските процеси кои се дел од евроинтеграцискиот пат.

Европратеникот Сагарц ја истакна спремноста за политичка и економска поддршка во европската интеграција на Република Северна Македонија и истакна дека австриската Влада ќе продолжи да биде силен промотор и партнер на Северна Македонија и останатите земји од Западен Балкан.