Австријците очекуваат подобра бизнис клима во Македонија во 2014

45

Трговското одделение при австриската Амбасада денес ги презентираше резултатите од првото истражување на бизнис климата меѓу австриските компании кои работат во Македонија.

Заклучокот од истото е дека трите најголеми приоритети на австриските претпријатија кои се однесуваат на македонската Влада се намалување на бирократските процедури, заштитата и грижата за инвеститорите и подобрување на инфраструктурата.

Истражувањето беше спроведено од јуни до средината на јули 2013 година меѓу менаџерите на австриските компании во Македонија.

“Австриските компании ја оценуваат атрактивноста на Македонија како задоволителна или добра дестинација за директни странски инвестиции. Сепак, австриските компании сакаат да видат подобрувања во делот на плаќањата на јавните и приватните институции, повеќе безбедност за инвестициите и намалување на бирократијата”, вели Герхард Шлатл, шеф на Трговското одделение при Австриската амбасада во Скопје.

Според него доколку овие желби се исполнат од страна на македонската влада, бројот на австриски компании кои инвестираат во Македонија значително ќе се зголеми.

Питар Зајдек, главниот финансиски директор на операторот ВИП во Македонија, верува дека Владата презела импресивни чекори за да се поттикнат инвестициите, но потребно е да се поттикне импулсот.

“Прекумерната регулација ги блокира иновациите и инвестициите кои се потребни за да се овозмои услуга базирана на економија. Покрај тоа, кратењето на бирократијата и  драконските парични казни се суштински за Македонија, исто како и брзината и независноста на судство”, објаснува Зајдек.

Според истражувањето австриските компании се релативно песимистични за општата економска ситуација во Македонија, иако имаат пооптимистични погледи за 2014 година.Оваа година, многу од нив инвестираа повеќе и вработија повеќе работници отколку во 2012 година.

Вкупниот износ на австриските директни инвестиции изнесува 485 милиони евра заклучно со првиот квартал на 2013 година, со што Австрија спаѓа меѓу најголемите инвеститори во Македонија и се наоѓа на второто место по Холандија. Следуваат Грција, Словенија и Унгарија. Во Македонија се основани повеќе од 45 претријатија со австриски капитал.