Австриски Zumtobel отвора фабрика во Ниш

20

Производителот на иновативни системи за осветлување од Австрија, Zumtobel, отвора фабрика во српскиот град Ниш, стои во официјалното соопштение на компанијата.

“Примарната цел на фабриката во Србија е да ги обезбеди дополнителните количини што се планирани за следните години. Во пазарното окружување, во коешто владее силен пазарен притисок, новата фабрика ќе овозможи Zumtobel да го снабдува пазарот по оптимални цени“, стои во соопштението на австриската компанија.

Во исто време, како што се наведува, отворањето на оваа фабрика ќе го зајакне присуството на компанијата на пазарот во источна Европа.

Се очекува фабриката да почне со работа во 2018 година, а инвестицијата ќе изнесува 30 милиони евра.

Групацијата Zumtobel е австриска компанија што се занимава со производство на професионално внатрешно и надворешно осветлување, системи за управување со осветлување и слично.