Автомобил за 2.000 долари – од Alibaba

259

Кина останува доследна на ветувањето дека ќе произведува евтини електрични автомобили, а на пазарот неодамна се појави моделот Changli EV, електричен пикап кој чини само 2.000 долари.

За нештата да бидат уште поинтересни, Changli EV, освен од производителот, може да се купи и на кинескиот сајт за е-трговија, Alibaba.com.

Овој необичен пикап е опремен со оловно-киселински батерии, кои се значително поевтини од литиумските батерии, а оние кои би сакале нивната батерија да трае подолго и да има подолг домет, може дополнително да платат за вградување на литиум-јонска батерија. Максималната брзина што може да ја развие Changli е 45 километри на час, а со едно полнење може да надмине околу 50 километри. Опремен е со камери, ЛЕД осветлување, резервна гума, а монтирањето на клима е опционално. Во цената е вклучен дури и полнач од 110 V, а полнењето на батеријата трае шест до осум часа.

Покрај електричните автомобили, Changli на истокот на Кина произведува и електрични трицикли, рикши, возила за подигање контејнери и други еколошки возила.

Но, Changli EV не ги исполнува американските безбедносни стандарди за моторни возила, па затоа не е легално да се вози по патишта, пишува Techradar.

Засега не е познато дали Changli ги исполнува безбедносните критериуми на другите земји, како и дали наскоро ќе биде можна испорака во други делови на светот.

Друга „цака“ е цената на испораката која чини речиси исто колку и самото возило, како и цената на батеријата која се доплаќа. Aвторот на порталот Electrec, нарачал Changli EV преку Alibaba од чиста љубопитност, а во својот блог пишува дека вкупната цена, вклучувајќи ги и трошоците за патарина и надградба на возилата, била 7.000 долари, пренесува Bankar.me.