
Новите правила за увоз на автомобили кои стапија на сила не носат ништо ново во однос на цената. Половните автомобили нема да поевтинат, бидејќи како што велат увозниците ниту давачките се намалуваат, ниту процедурата се забрзува. Напротив, сега за TÜV-потврдите плаќаат 20 отсто повеќе, а процедурата е успорена затоа што домашните увозници кои треба да ги издаваат овие потврди не се подготвени.
Според нив, сега ќе биде поскапо за нови модели кои ги нема на пазарот во Македонија, а документот во кои стојат податоците за возилото и кои ние ќе треба да го добиеме директно од импортерот ќе биде поскап за 20 до 30 евра.
„TÜV-потврдите за техничка усогласеност на возилата кои досега ги добивавме од Германија сега ќе ги добиваме од домашните овластени застапници. Во однос на цената ништо не е намалено, напротив само се зголемуваат давачките. Овие потврди сега ќе чинат поскапо, отколку германските. Освен тоа, процедурата воопшто не е забрзана, напротив се успори затоа што нашите увозници не беа подготвени за овие законски измени. Сега импортерите на возила кои треба да ги издаваат овие потврди имаат повеќе работа, а немаат доволно вработени и неможат да постигнат велат дека во моментот имаат преку 2.000 возила кои чекаат потврди“, вели за „Бизнис Инфо„ еден увозник на половни автомобили.
Тој додава дека овој документ сега го плаќаат 10 до 20 отсто поскапо. Но, и покрај тоа што овој трошок ќе падне врз грбот на увозниците на половни автомобили, цената нема да се промени.
„Државата, односно импортерите не беа подготвени за овие законски измени. Сега ние плаќаме дополнителни давачки за лежарина на автомобилите, бидејќи увозниците не можат да ги издадат брзо TÜV-потврдите. Може државата ги известила, но не биле спремни. Се надеваме дека ќе се организираат, а процедурата ќе се забрза“, велат увозниците на половни автомобили.
Според нив, автомобилите ќе поевтинат кога ќе се намалат данокот, акцизата, царината…и другите давачки кои се многу високи.
Импортерите велат дека тие и досега работеле според европски стандарди, односно како увозници морале да ги почитуваат европските правила. Суштината на оваа промена е што сега увозниците на половни автомобили TÜV-потврдите наместо од странство ќе ги земаат од кај нас. Додека ние, како и досега, ќе ги добиваме од производителите.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини нагласуваат дека овие законски измени се напревени во согласност со европските стандарди – олеснувајќи ја процедурата, намалувајќи ги цените и заштедувајќи им пари на сите граѓани.
Оттаму додаваат дека примената на новиот Правилник не е само административно олеснување најголемата предност е финансиската – наместо околу 1,3 милиони евра годишно кои досега завршуваа кај странски компании за TÜV потврди, сега тие пари ќе останат во Македонија. Потврдите ќе ги издаваат домашни овластени застапници, по цена од само 40 до 50 евра, што е значително поевтино од досегашните трошоци.
Б.С.
Фото: Youtube printscreen











