Автомобилот на Римац собори сопствен рекорд

118

Хиперавтомобилот Nevera на хрватската компанија Rimac Automobili постави неофицијален брзински рекорд на четвртина милја.

Рекордот беше потврден на патеката Famoso Raceway во Калифорнија, каде на Nevera и беа потребни само 8.582 секунди за една четвртина милја, додека максималната брзина на целта беше 167.51 милји на час (269.58 км / ч).

Во превод, автомобилот помина 400 метри од место за само 8.582 секунди. Покрај тоа што Nevera постави нов рекорд кога станува збор за забрзување, тој го собори и сопствениот (иако неофицијален) рекорд од 8,62 секунди, што Мате Римац го постави во Хрватска во јуни.

Од Rimac истакнуваат дека моќниот хиперавтомобил од нула до стотка стигнува за помалку од две секунди, поточно за 1,97, додека до 300 километри на час на Nevera и се потребни само 9,3 секунди. Максималната брзина на автомобилот е 412 километри на час.

Неговата цена ќе биде два милиона евра, а ќе се произведе во само 150 примероци. Првите испораки се најавени за оваа година.