Автомобилска компанија заинтересирана за инвестирање во Македонија

52

auto-industryКомпанија од странство која веќе инвестира во автомобилската индустрија во Бугарија наскоро ќе ја посети Македонија со цел да ги разгледа можностите за инвестирање во автомобилскиот сектор.

Претставниците на компанијата ја соопштиле својата намера по презентацијата на првиот човек на македонската Дирекција за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, на конференцијата на ЕБРД за развој на автомобилската индустрија во регионот, што се одржа вчера во Софија.

“Kомпанијата  мора да одлучи каде да реинвестира и по презентацијата рекоа дека кај нас е поконкурентно отколку во Бугарија и пројавија интерес да дојдат во Македонија во многу блиска иднина. Воедно, не поканија да ја видиме нивната фабрика во близина на Софија, изјави Мизо за МИА.

Како што вели тој, на конференцијата своите позитивни искуства од инвестициите во автомобилскиот сектор во Македонија ги презентирале директори на Кемет електроникс, Ван хол и Џонсон Мети.

На конференцијата учествуваа над 50 претставници од компании од автомобилската индустрија од Бугарија, Романија, Србија, Македонија и експерти од областа од Германија и Велика Британија, како и поранешен директор на Џонсон Контролс во Бугарија, се зборуваше за искуствата, потенцијалите и предизвиците на автомобилскиот сектор во регионот.