
Дел од странските компании лоцирани во ТИРЗ почнаа да ги оствaруваaт најавите за повлекување од државава. Познавачите на состојбите велат дека процесот за редуцирање на производството, намалување на бројот на вработени па сè до конечно затворање е почнат многу поодамна и дека едно од важните прашања е дали државата направила сè за да го спречи тој процес.
„Одлуката една компанија да го намали производството, да го намали бројот на вработени или да замине од една земја не е одлука што се носи од „денес за утре“. Тоа е процес на корпоративно одлучување. Во ваков случај потребно е да има комуникација меѓу надлежните институции во овој сектор со менаџментот на компанијата, не само на локлано ниту туку и на централно ниво, со базата на фирмата“ – вели за „Локално“ еден од познавачите на секторот на странски инвестиции.
Американската компанија „Аптив“ веќе почна да ги остварува најавите за редуцирање на работата во Македонија. Операцијата која беше најавена уште во февруари, а треба да води кон затворање на фабриката, се очекува да заврши следната година. Компанијата „Аптив“ е од автомобилската индустрија која е во криза подолг период и се обидува преку преструктурирање да ги амортизира штетите од проблемите предизвикани од намалената продажба, бавната електрификација и од притисокот на конкуренцијата, особено од Кина.
На територијата на државата активни се 14 Технолошко-развојни економски зони распределени во сите региони на државата, но најголем број на фабрики има во скопските слободни економски зони.
„Што се однесува до автомобилската индустрија, нарачките во Европа се стагнирани, поголем дел од колачот земаат кинеските производители. Инвеститорите во земјава доминантно се поврзани со Германија, а таму оваа индустрија стагнира – нема пласман и соработка со Кина која дополнително притиска со пониски трошоци за производство, а повисока технологија што крајно влијае врз цените “ – коментираат за „Локално“ познавачите.
Освен „Аптив“, заминување од земајва најавила и американската компанија „Дура“ која е специјализирана за производство на метални компоненти за автомбили. Преходно намалување на бројот на вработени најави и „Џонсон Мети“.
Според податоците од НБМ пак во јуни износот на нови странски директни инвестиции изнесувал само 4,5 милиони евра што е најнизок месечен износ од септември 2023- та година. Заклучно со вториот квартал од годинава СДИ изнесувале 200 милиони евра и тие се повеќе од преполовени во однос на јуни 2024- та кога изнесувале 540 милиони евра.











