
Цените на акциите паднаа на азиските берзи бидејќи инвеститорите стравуваа од трговска војна, откако Вашингтон воведе царини за увоз од Канада, Мексико и Кина.
Јапонскиот индекс Никеи во 07:00 часот беше намален за 2,6 отсто, додека цените на акциите во Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,7 и 2,6 отсто. Кинеските берзи сè уште се затворени поради прославата на Лунарната Нова Година.
По долготрајните закани, Трамп во текот на викендот потпиша извршна наредба со која се воведуваат царини од 25 отсто за увоз од Мексико и Канада и 10 отсто за кинески производи. Таа одлука ќе почне да се применува од вторник. Сите три земји веднаш најавија контрамерки, поради што инвеститорите стравуваат од трговска војна.
Поради ова нагло паднаа и американските фјучерси индекси, а попладнево се очекува пад на цените на акциите на Волстрит. Во моментов, фјучерсите на индексот S&P 500 се намалени за 1,6 отсто, а Nasdaq е намален за повеќе од два отсто.
„Потегот на Трамп е првиот удар во она што може да прерасне во разорна глобална трговска војна и да предизвика инфлацијата во САД да расте побрзо и повисоко отколку што првично проценувавме“, рече Пол Ешворт, аналитичар во „Капитал економикс“.
Грег Дако, главен економист во EY, проценува, сепак, дека воведувањето тарифи ќе резултира со намалување на економскиот раст на САД оваа година за 1,5 процентни поени и може да доведе до стагфлација, истовремено туркајќи ги Канада и Мексико во рецесија. Тоа секако ќе предизвика пад на приходите и профитот на компаниите, па може да се очекува многу нестабилно тргување на најголемите светски берзи во наредните денови, велат аналитичарите.











