Азиските берзи пораснаа на почетокот на неделата

60

Азиските индекси пораснаа на почетокот на неделата бидејќи инвеститорите се надеваат дека во Вашингтон ќе биде постигнат договор за зголемување на задолжувањето на државата за да се избегнат нарушувања во финансирањето на федералните служби.

Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, без Јапонија, порасна за 0,2 отсто околу 7:00 часот, продолжувајќи го позитивниот тренд од минатата недела.

Истовремено, јапонскиот индекс Никеи зајакна за 0,3 отсто и достигна ново највисоко ниво од 1990 година. Цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,1 и 1,3 отсто, додека во Австралија паднаа за околу 0,2 отсто.

Растот на индексот најмногу се должи на веста дека во понеделник демократите и републиканците во САД ќе ги продолжат преговорите за зголемување на задолжувањето на државата со цел да се избегнат нарушувања во финансирањето на работата на федералните институции.

Инвеститорите се надеваат дека може да се постигне договор навреме за Конгресот да го поддржи предложеното зголемување на финансирањето до крајниот рок 1 јуни.