
Европската комисија на почетокот на идната година ќе започне разговори со секој партнер од Западен Балкан за тоа во кои делови од единствениот пазар на Европската Унија би можел да пристапи пред членството, најави во Брисел претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, по самитот ЕУ – Западен Балкан.
– Не треба да чекаме пристапувањето да ги зближи нашите луѓе и економии – рече фон дер Лајен, објаснувајќи дека ЕУ постепено отвора одредени сектори од својот пазар, додека партнерите во регионот спроведуваат реформи за да можат бизнисмените да работат под еднакви услови.
Зборувајќи за Планот за раст за Западен Балкан, таа изјави дека пред една година партнерите спровеле 38 проценти од реформските чекори за кои рокот истекол, и дека овој удел сега изнесува 63 проценти.
– Постигнатиот напредок би можел да овозможи исплата на дополнителни 338 милиони евра на Албанија, Црна Гора и Северна Македонија во наредните недели – најави фон дер Лајен.
Како пример за придобивките што граѓаните можат да ги почувствуваат дури и пред членството, таа го издвои вклучувањето на четири партнери од регионот во Единствената европска платна зона (SEPA), што овозможува побрз и поевтин трансфер на пари. Таа, исто така, потсети дека минатиот месец ЕУ започна преговори со Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово за користење на услуги за мобилен роаминг по домашни цени.











