Азиските инвеститори претпазливи на крајот на ноември

Азиските берзи тргуваат претпазливо во петок бидејќи нема многу значајни вести од регионалните економии и бидејќи инвеститорите немаат насоки од Волстрит, кој вчера беше затворен поради празникот во САД.

Индексот MSCI на акциите од Азиско-пацифичкиот регион, без јапонските акции, беше речиси непроменет околу 7:00 часот наутро во споредба со вчера.

И покрај растот од околу 3 проценти оваа недела, овој индекс е во пад од околу 2,7 проценти овој месец.

Утрово цените на акциите во Австралија, Хонг Конг и Јужна Кореја паднаа помеѓу 0,1 и 1,4 проценти, додека во Индија, Шангај и Јапонија се зголемија помеѓу 0,1 и 0,2 проценти.

Утрово беше објавено дека стапката на инфлација во Токио, која е главен индикатор за потрошувачките цени во Јапонија, се движеше околу 2,7 проценти во октомври, што е далеку над целното ниво на јапонската централна банка од околу 2 проценти.

Ова ги поттикна шпекулациите дека монетарните власти наскоро ќе ги зголемат клучните каматни стапки.

Извештајот за бруто-домашниот производ (БДП) на Индија за третиот квартал исто така ќе биде објавен во текот на денот.