Азиските инвеститори се претпазливи, чекајќи ги одлуките на ФЕД

34

На азиските берзи прометот е скромен бидејќи голем број земји се затворени поради празници, а оваа недела инвеститорите ќе се фокусираат на одлуките и пораките од состанокот на челниците на американската централна банка.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 07:00 часот беше речиси непроменет во однос на петокот.

Во исто време, цените на акциите благо паднаа на берзата во Хонг Конг, додека пораснаа во Австралија.

Во Хонг Конг цените на акциите паднаа бидејќи новите податоци објавени во текот на викендот потврдија дека кинеската економија бавно расте.

Извештајот за индустриското производство покажа дека растот во август е најбавен во последните пет месеци, додека цените на недвижностите и трошењето на мало дополнително паднаа.

Затоа аналитичарите сметаат дека властите ќе мора да воведат дополнителни стимулативни мерки доколку сакаат економскиот раст годинава да ги достигне планираните 5 проценти.

Во фокусот на инвеститорите оваа недела ќе бидат одлуките и пораките од седницата на првиот човек на ФЕД во среда.

Сосема е извесно дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во септември, првпат по неколку години рестриктивна монетарна политика.