Бафет и Доктор Пропаст за новите ризици: „Она што следи сè уште не сме го виделе, 4 сценарија во игра“

146

Ворен Бафет, американски милијардер и инвестициски гуру, во неодамнешното интервју за CNBC објави дека доаѓа уште една пандемија, која може да биде полоша од сегашната пандемија. Нема добри вести, ни од таканаречениот д-р Пропаст или Нуриел Рубини, кој ја предвиде економската криза од 2008 година, а сега тврди дека се можни 4 сценарија.

Бафет е убеден дека и покрај тоа што пандемијата е надмината, светот не е подготвен да се справи со вонредната состојба. Тој е уште позагрижен за економските последици од короната, која, како што тврди, најмногу ги погодила малите бизнисмени.

„Во март минатата година, пандемијата затвори илјадници мали бизниси. Минатата година донесе најголем пад на американскиот БДП од 1946 година. Големите компании поминаа добро, но сè уште не е готово“, изјави Бафет.

Славниот милијардер во едно интервју призна дека и самиот доживеал моменти на финансиска несигурност бидејќи не знаел што ќе се случи со неговите авиокомпании.

„Сите знаеме дека постои нуклеарна, хемиска, биолошка и сајбер закана и дека општеството сè уште не е подготвено да се справи со тоа“, рече Бафет. Следува пандемија каква што досега не сме виделе – заклучува тој.

А Нуриел Рубини или како што го нарекуваат „Д-р Пропаст“ кој ја предвиде светската економска криза во 2008 година, оценува дека постојат четири сценарија кои можат да се случат, а како последица на глобалната стагнација и корона кризата. 

Првото сценарио “Златокоса“

Аналитичарите на Волстрит и повеќето политичари предвидуваат сценарио познато како “Златокоса“, кое предвидува силен раст со инфлација од 2 отсто. Во ова сценарио, неодамнешната стагфлација е последица на делта варијантата на корона вирусот. Кога делта варијантата на вирусот ќе исчезне, со него ќе исчезнат и проблемите во снабдувањето, а растот ќе се забрза додека инфлацијата се намалува.

Второ сценарио – прегревање

Второто сценарио вклучува прегревање. Во тоа сценарио, растот би бил забрзан и нема да има “чепови“ во снабдувањето, но инфлацијата упорно би останала на високо ниво бидејќи ќе испадне да биде трајна, а не привремена.

Со непотрошени заштеди и голема побарувачка, лабавата монетарна и фискална политика само дополнително ќе ја зголеми агрегатната побарувачка. Растот што ќе произлезе од тоа ќе биде придружен со постојана инфлација, побивајќи го убедувањето на централните банки дека растот на цените е привремен. Реакцијата на пазарот на “прегревање“ ќе зависи од тоа како реагираат централните банки.

Третото сценарио-  стагфлација

Третото сценарио е моменталната стагфлација, со висока инфлација и многу помал и побавен раст на среден рок. Во овој случај, инфлацијата ќе продолжи да се поттикнува со лабава монетарна, кредитна и фискална политика. Централните банки, фатени во стапицата на долговите, ќе се мачат да ја нормализираат инфлацијата без да предизвикаат крах на финансискиот пазар.

Покрај тоа, среднорочните шокови во снабдувањето дополнително ќе го забават растот и ќе ги зголемат производствените цени, со што ќе се зголемат инфлаторните притисоци. Таквите шокови можат да бидат предизвикани од деглобализацијата, пораст на протекционизмот, балканизација на глобалните синџири на снабдување, растечката просечна возраст во развиените земји, кинеско-американската поделба, ефектите од климатските промени, пандемијата, сајбер-војните и реакциите на растечката нееднаквост.

Четвртото сценарио – забавување

Четвртото сценарио претпоставува забавување на растот. Послабата агрегатна побарувачка ќе испадне дека не е минлива работа, туку мрачна нова нормалност, особено ако пакетите помош се повлечат прерано. Во тој случај, помалата побарувачка и побавниот раст би резултирале со пониска инфлација, вредноста на акциите би одразувала помали шанси за раст, а приносите на обврзниците би паднале уште подлабоко.