Бајден го претстави новиот пакет помош – чек за Американците од 1.400 долари

39

Идниот претседател на САД, Џозеф Бајден, го претстави предлогот на стимулативниот пакет, наведувајќи дека се потребни смели инвестиции за да се подигне економијата и да се забрза дистрибуцијата на вакцините, со цел да се стави коронавирусот под контрола.

Пакетот помош опфаќа 415 милијарди долари за поддршка на одговорот на вирусот и дистрибуција на вакцини против Ковид-19, околу 1.000 милијарди за директни исплати на американските домаќинства и речиси 440 милијарди за мали и средни компании и заедници кои се особено тешко погодени од пандемијата.

Чековите за семејствата би требало да изнесуваат 1.400 долари по лице, покрај веќе испорачаните 600 долари на човек, кои Конгресот ги усвои неодамна. Дополнителното осигурување за невработените би се зголемило од 300 на 400 долари неделно и ќе биде продолжено до септември.

Официјалните лица на тимот наведоа дека ќе следи уште еден пакет помош за неколку недели.

“Ако инвестираме сега смело, паметно, со непоколеблив фокус врз американските работници и семејства, ќе ја зајакнеме економијата, ќе ја смалиме нееднаквоста и ќе ја поведеме по одржлив пат долгорочната финансиска стабилност на нацијата“, рече Бајден.

Според планот на Бајден, мораториумите за одземање и иселување од куќи треба да бидат продолжени до септември и да вклучуваат средства за изнајмување и помош за плаќање комуналии. Бајден исто така го повика Конгресот да ја зголеми минималната плата на 15 долари на час, а пакетот треба да содржи помош за борба против гладот.

Новоизбраниот претседател, кој ја презема должноста на 20 јануари, веќе постави цел дистрибуција на 100 милиони дози вакцина, а се очекува неговиот план да опфати и финансиски средства за проширување на кампањата на вакцинација.

Фото: Pixabay