Бакрачески: Сахарјан Македонија ќе ги запази законските и еколошките норми

16

bakr-500Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески изрази задоволство од подготвеноста на компанијата Аткинс, како главен проектант на луксузниот хотелски комплекс Сахарјан Македонија, да се прифатат сите забелешки и критериуми што од нив ќе ги побараат македонските власти.

“По тој аспект можам само да упатам смирувачки тон до сите загрижени граѓани на Охрид и оние скептици кои сметаат дека што било ќе се гради спротивно стандардите. Во никој случај, ниту државните институции тоа ќе го дозволат, ниту јас како градоначалник ќе се согласам со изградба на нешто што по која било основа ќе отстапува од строгите законски и еколошки норми”, рече Бакрачески.

Во врска со информациите објавени во медиумите дека Македонската православна црква, која е сопственик на поголемиот дел од земјиштето кај Свети Наум каде е предвидена изградбата на комплексот, се спротивставува на изградба на какви било објекти од тој вид, Бакрачеки рече дека досега не чул за противењето на Црквата, ниту од него досега била побарана официјална средба за разговори по тоа прашање.

“Она што можам да го кажам е дека пред две седмици во Министерството за транспорт и врски се одржа средба во широк состав, со присутни претставници на сите релевантни институции засегнати со изградбата на комплексот, од инвеститорот, преку проектантското студио Аткинс, до министерствата за транспорт и врски, за култура, за заштита на животната средина, на Хидробиолошкиот завод од Охрид и Националниот парк Галичица. Она што можам да го потврдам е дека кај инвеститорот и кај надлежните институции постои подготвеност да се реализира таа инвестиција”, додаде градоначалникот на Охрид.