Балканците се загрижени за невработеноста, но се помалку подготвени да одат на печалба

44

Скоро половина од граѓаните на Западен Балкан се најмногу загрижени за невработеноста и економската состојба, а пандемијата на вирусот Ковид-19 поколеба голем број луѓе кои имаа намера да заминат во странство за да работат, изјави во Тирана генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу на презентацијата на Балкан барометар 2021.

“Овој, седми по ред Балкан барометар покажува дека за 49% од граѓаните на Западен Балкан, невработеноста е најголем проблем, додека 46% од нив се најмногу загрижени за економската состојба. Пандемијата го смени нашето мислење и влијаеше на нашите животи. Луѓето сега повеќе не сакаат да одат и да работат во странство. Тоа би го сториле 37% од граѓаните, што е тренд на опаѓање во споредба со минатата година“, наведе Брегу.

Таа додаде дека истражувањето покажува постојан раст на поддршката за регионалната соработка, што сега го поддржуваат 77% од граѓаните, додека 69 % од економските субјекти сметаат дека квалитетот на регионалната соработка е важен за нивниот бизнис.

“Исто така, поддршката за пристап и интеграција во Европската унија значително се зголеми во текот на годината на пандемијата. И покрај бавноста на процесот на проширување, 62% од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ е добра работа, како и 66% од бизнисмените“, наведе Брегу.

Таа додаде дека истражувањето Балкан барометар покажува дека 43% од испитаниците сметаат дека ЕУ најмногу помага во борбата против пандемијата во однос на медицината и финансиите, далеку пред Кина со 14%, Турција со 9% и Русија со 7%.

“Бизнисмените од Западен Балкан забележуваат дека несомнено ќе имаат корист од патувањето во регионот со лична карта, за што во моментов се преговара во рамките на планот за заеднички регионален пазар. Оваа иницијатива е поддржана од 61% од испитаниците“, изјави Брегу.

Фото: Pixabay