Балканот има опасност да стане првата кинеска колонија во Европа

96

Балканот има опасност да стане првата кинеска колонија во Европа, смета Марјан Ѓуровски, проректор на Универзитет Св. Климент Охридски – Битола .

“Сведоци сме на таа примена на soft power”  стратегија која во суштина се применува на овој дел од Западниот Балкан. Официјалната посета на кинескиот министер за одбрана на земјите на Западен Балкан е потврда за високиот кинески интерес за овој дел од Европа. Народна Република Кина според проценката на многумина набљудувачи има за цел да го претвори инвестицискиот капитал од справувањето со пандемијата во политички остварувајќи ги сопствените геополитичкии интереси на овој дел од Југоисточна Европа“, рече Марјан Ѓуровски, на онлајн-дискусија на тема “Стратегијата на Кина за Западен Балкан – преку економски до политички импликации”.

Според него, загрижува податокот дека 70% од изградбата на патната инфраструктура на Западен Балкан се финансира од страна на кинеските банки.

“Официјален Пекинг бара, конфискува објекти изградени со кинески пари кои задолжената земја не успева да ги врати, тука се загрозува и суверенитетот на државата. Затоа е неопходно вклучување и поголема ангажираност на невладиниот сектор и медиумите во процесот на транспарентност и изнаоѓање механизми за поголемо следење на процесот на финансирање на овие инвестиции од страна на кинеските банки“, рече Ѓуровски, додавајќи дека ЕУ и САД треба да имаат проактивен однос.

Официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер во Србија и Црна Гора Норберт Бекман-Диркес рече дека не треба да ја подразбираме Кина како загрозување или како опасност.

“Таа е етаблирана како светска сила и има свои интереси на Западен Балкан, па и во ЕУ и таа ги следи овие интереси, рече Бекман-Диркес“, потенцирајќи дека Кина е важен трговски партнер за Западен Балкан.

Фото: Pixabay