Bank of America: Глобалните очекувања на инвеститорите на најниско ниво во последните 20 години

44

Довербата на светските инвеститори падна на едно од најниските нивоа во последните дваесет години, покажа истражувањето на инвестициската банка BofA.
Причината за тоа е неодамнешната банкарска криза на двете страни на Атлантикот. Месечната анкета по колапсот на SVB и Signature Bank и пред минатонеделното спасување на Credit Suisse, покажа дека перцепцијата за нивото на ризик е драстично влошена.

Мерачот на ризик на финансискиот пазар на BofA за нивоата на загриженост на инвеститорите скокна на 7,7, што го става малку под минатогодишното ниво по почетокот на руско-украинската војна и над нивоата во екот на глобалната финансиска криза и пандемијата.

Менаџерите на европските фондови се особено песимисти.

Иако истражувањето е склучено пред проблемите во Credit Suisse, речиси една третина од нив сметаат дека сегашниот најголем ризик за пазарот е системската кредитна криза. Во анкетата во февруари, уделот на оние кои очекуваа ваква криза изнесуваше само осум отсто, што значи дека евентуална кредитна криза првпат по девет месеци ја измести инфлацијата од првото место. Испитаниците го наведоа неформалниот банкарски сектор во САД како најверојатен извор на опасност.