Bank of China основа банка во Србија

21

bank of china

Кинеската државна банка (Bank of China) основа банка во Србија, којашто би требало да почне со работа на почетокот на следната година, јавува Вечерње новости.

Bank of China, којашто е петта најголема банка во светот, ќе финансира кинески и српски компании кои заеднички ќе настапуваат и на трети пазари. Основач на новата банката на територијата на Србија е Bank of China (Hungary) Ltd, којашто на 19-ти октомври, преку правните застапници поднесе барање до Народната банка на Србија (НБС) за давање прелиминарно одобрение за основање на банка во Србија.

“Постапката за основање на банка, во рамки на важечките прописи, покрај постапката за давање прелиминарно одобрение, подразбира и издавање на дозвола за работа на банката којашто се основа. Кога НБС ќе утврди дека условите се исполнети, следи одржување на основачко собрание на новооснованата банка. Потоа, НБС дава согласност на актот усвоен на собранието, па следи регистрација кај надлежните органи. По таа процедура банката ќе може да почне со работа во Србија“, велат од НБС.

Кинеските инвеститори се посебно заинтересирани за соработка при изградба на инфраструктура, приватизација на државни компании, рударство, енергетика и туризам. Кинеските компании што работат во Србија ќе можат да добијат поддршка, но тоа се однесува и на српски компании што набавуваат кинески производи.