Македонските граѓани имаат доверба во банките и во домашната валута. Трета година по ред учеството на денарското штедење расте, од 35% во 2009 на 48% во 2012 година. Вкупните влогови изнесуваат 171 милијарда денари, беше речено на денешниот форум БанкЕкспо организиран по повод Светскиот ден на штедењето.
“Според податоците на Народната банка, на крајот на минатиот месец вкупните депозити во банкарскиот сектор изнесуваат 238 милијарди денари” рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во обраќањето на форумот. Тој додаде дека благодарение на стабилноста на националната валута, интересот за штедење во денари е засилен. Истовремено, зајакнат е и интересот за подолгорочно штедење.
“Денарските депозити на населението се зголемени за нешто повеќе за 17 милијарди денари или за 26,3%. Склоноста кон штедење во домашна валута доведе до промени во валутната структура во корист на денарските депозити. Орочените депозити, пак, остварија годишен раст од над девет милијарди денари и го зголемија учеството во вкупните депозити од 17% на 20%”, нагласи министерот.
Според него, овие факти покажуваат дека и во услови на глобални предизвици како финансиската и економската криза проследени со должничка криза и криза на еврото, довербата на македонските граѓани во денарот и во домашниот финансиски систем се задржа, но и зајакна.
И гувернерот Димитар Богов потврди дека македонските граѓани имаат доверба во банките. Штедењето на населението продолжува да расте. Годинава бележи зголемување од 9,2% во однос на лани.
“Нашиот банкарски систем е стабилен, нема поголеми проблеми, адекватноста на капиталот е на исклучително високо ниво од 17%, а ликвидноста се држи на историско ниво од околу 30% од вкупната актива. Тоа гарантира стабилен банкарски систем и можност банките да ја поддржуваат домашната економија”, рече Богов, додавајќи дека одржувањето стабилен банкарски сектор и зголемување на денарското штедење остануваат императив.
На БанкЕкспо што првпат се организира во Македонија учествуваат претставници од сите релевантни креатори на бизнис-климата, банки, комори, стопанственици и експерти.